Штипјанецот Иван Радев со подготовки за Италија по успехот на ултрамаратонот во Охрид

Штипјанецот и ултрамаратонец, Иван Радев, по освоеното прво место на Охрид ултра-трејл, со интензивни подготовки за трки во Италија и Бугарија. Пред него се исклучително тешки предизвици, вели тој, но посочува дека за успех на истите е секојдневни подготовки. Трките во Италија и Бугарија за Радев се предизвици од 120 и 160 километри, како и над 6000 метри искачување.

„Следен план имам за две недели настап на трка од 120 километри со 6000 метри искачување во Кортина д’Ампеццо, во Италија, а за крајот на годината ќе настапам на Пирин ултрамаратонот, во Банско, Бугарија. Тоа е ултрамаратон со 11000 метри искачување и во должина од 160 километри. Да, тешко е, но не е тешко доколку се ужива во секој истрчан километар. Се подготвувам секој ден, трчам секој ден, без разлика на временските услови. Подготовките се лесни трчања од 20 до 30 километри, во просек секој ден, без многу компликации, без многу усложнувања на процесот“, вели Радев.

Трката на падините на планината Галичица е досега најголем успех за Радев. Петтото издание на настанот оваа година беше составено од четири трки во планинско трчање кои започнаа од различни локации од националниот парк Галичица, а сите завршија на градскиот плоштад во Охрид.

„Секоја трка е различна. Теренот по којшто трчам е различен, Алипите се многу поразлични од наша Галичица, Пирин Планина исто така, станува збор за еден сосема друг вид на трка, така што се надевам дека добро ќе се припремам барем да го дадам мојот максимум“, додава Радев.

Радев ја помина патеката прв со време од 14 часа, 36 минути и 17 секунди. Најдолгата дистанца која го носи и името на настанот ги минува ниските делови на Галичица до Свети Наум од каде остро се качува до највисоките делови на Стара Галичица.

„Станува збор за планинска трка во должина од 107 километри со висинско искачување од 5000 метри. Патеката е планинска, технички терен, доста предизвикувачки, ние во Штип немаме нешто приближно со тоа, така што станува збор за технички терен во планински услови, со многу искачувања, многу спуштање, главно, тешко“, посочува Радев.

Рецептот за ваков успех, вели Радев, е да се сака природата, да се сака трчањето и да се ужива во тоа.

Ребека Спасова М-Нет