
Агенцијата за храна и ветеринарство се приклучува во одбележувањето на 7 јуни – Светски ден на безбедната храна, ама граѓаните во Штип на терен се во дилема за тоа колку во земјава имаме безбедна храна. За тоа, велат, придонеле и полемиките во последно време, кога во јавноста беа објавени обвинувања за присуство на тешки метали во зеленчукот, кои Агенцијата ги демантираше. Од таму велат дека контроли се прават редовно како на увезените така и на домашните производи.
Инаку, АХВ годинава го одбележува Светскиот ден под мотото „Стандардите за храна спасуваат животи“. На организираниот настан се разгледуваат прашања кои се однесуваат на мониторинг програмите за безбедност на храната и контролата на резидуи од ветеринарно – медициски препарати на храната од животинско потекло, употребата на здравствените тврдења и измамите кои произлегуваат од нив.
Акцент годинава се става и на улогата на АХВ како контакт точка на Системот за брзо известување за небезбедна храна на Европската унија, стандардите за безбедност на природните минерални и изворски води, безбедносните услови за ставање во промет на храната од животинско потекло, од домашно производство и од увоз и во светски рамки сѐ поактуелните прашања за храната произведена со иновирани технологии.
Презентациите се на стручни претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Светската здравствена организација, претставникот на ФАО за Македонија, Организацијата на потрошувачите и од факултетите за ветеринарна медицина и земјоделски науки и храна.
Ребека Спасова М-Нет