
Граѓаните во Штип десеткратно поскапо ќе го плаќаат одржувањето на градското зеленило, а цената на 131 паркинг место под превезот на „хуманоста“ ќе биде повисока за 50%, ова денеска на прес-конференција го потенцираа од страна на ОО на СДСМ Штип. Овие две предлог-одлуки утре ќе се најдат на дневен ред на Седница на Совет, па наместо досегашните 0,50 денари за м2 стамбена површина и 0,05 денари м2 за дворна површина, домаќинствата отсега ќе плаќаат 1,50 денари за станбена површина и 0,5 денари за м2 дворно место, а иста е и состојбата со правните лица, додаваат од СДСМ.
„Имено со “амин” од Панче Стефановски, досегашен претседател на УО Стипион и актуелен директор на претпријатието, цената за дел од паркинг местата во центарот на градот, наместо досегашните 20 денари ќе биде 30 денари за орвиот и секој нареден час. Ова би значело зголемување за 50%, а за овие паркинг места нема да важат повластените месечни и годишни карти кои ги купиле граѓаните. Во “трката” за превласт по бројот најмногу потпишани штетни одлуки, приматот го презема Кирил Зајков, актуелен директор на ЈП ИСАР и довчерашен директор на Стипион 2011. Имено, неговиот потпис стои на двете писма со кои јавните претпријатија бараат покачување на услугите преку доставување на одлуките на УО до Советот на Општина Штип. Еден ден по “трансверот” на Зајков, односно на 5 мај 2023, успеал да ги достави одлуките за покачување и за двете ЈП до Советот на Општина Штип.“ – велат од СДСМ Штип.
Според СДСМ, ваквите одлуки се особено неприфатливи ако се има предвид незадоволството на граѓаните од работата на ЈП, кои секојдневно се жалат за несобраниот смет, неискосената трева, непрописно исечените дрвја, непристапните тротоари и дупките по улиците.
Директорите на двете јавни претпријатија потврдуваат дека вакви предлози се доставени до Советот и утре ќе се најдат на дневниот ред на седницата. Меѓутоа, повеќе информации најавуваат откако истите ќе се разгледаат и со тоа ќе се види дали Советот ќе ги изгласа или не. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, само објаснува дека иницијативата е за хуманитарни цели, а ќе придонесе и за растеретување на метежот во сообраќајот. Советниците на СДСМ и коалицијата, пак, се надеваат оти овојпат ќе проработи свеста и мнозинството ќе се спротистави на предлогот за повисоки цени и покрај тоа што досегашната пракса на мнозинството во Советот предводено од ДПМНЕ, според нив, била да ја прифатат секоја штетна одлука само затоа што доаѓа од Јорданов.
Ребека Спасова М-Нет