Штипската Библиотека со мултимедијален настан го одбележа Денот на македонскиот јазик

„Моќта на јазикот, моќта на македонската азбука и јазик“ – вака беше насловен денешниот настан во штипската Библиотека со кој беше одбележан 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Во рамки на настанот публиката можеше да ужива во мизички перформанс на Градскиот хор 2019 Штип и литературно-поетско читање на ученици од СОУ „Јане Сандански“ – Штип, СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип и ООУ „Мануш Турновски“ од Струмица, а настанот со свои обраќања го збогатија и наставници од истите училишта.

Како дел од настанот беше поставена изложба на книги со раритетна вредност од 18 и 19 век кои се во сопственост на Библиотеката. Ваквата активност е со цел да се оддаде почпитна минатото, но и да се покаже дека знаеме да го цениме. Пораката е да се обврземе кон иднината дека тоа што ни е дадено со традицијата и со кодификацијата треба да го чуваме, да го негуваме и да го афирмираме, но и да го развиваме за да може македонскиот јазик и понатаму да остане убав и наш, на него да пееме, да твориме и да живееме, велат од штипската Библиотека по повод овој ден.

Ребека Спасова М-Нет