
На сточниот пазар во Облешево сѐ уште не е дозволено да се продаваат свињи, ама дозволено е да се одгледуваат свињи во домашни услови со одредени услови. Оние кои чуваат помалку свињи треба да исполнуваат помали критериуми за разлика од оние кои одгледуваат поголем број на свињи. За сите одгледувачи важи правилото свињите да бидат купени од со мал или среден ризик и од соодветни фарми од каде ќе добијат и соодветен сертификат.
„До скоро не беше, сега веќе е одобрено и на тие малите кои чуваат, ставено е во повеќе категории, да кажеме има од една до десет мајки да можат да чуват, ама треба да се исполнат некои услови, треба да и биде ограден објектот односно фармата а претходно треба да дојде соодветно ветеринарно друштво да направи дезинфекција и со тоа треба да се даде изјава која оди кај ветеринарен инспектор и да се чува повторно свињи. Кај оние кои чуваат повеќе свињи има построги критериуми.“ – вели Сарафимов.
Дека е стабилна состојбата со болеста африканска свинска чума, потврдуваат и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Само во две населени места во кумановско се уште се на сила рестриктивните мерките за заштита од болеста. Во сите други општини, може да се врши репопулација ( повторно населување на животни на фармите) но, само откако ќе бидат преземени сите пропишани мерки за заштита, односно, само откако стандардите во поглед на биосигурносните мерки на фармите бидат подигнати на највисоко ниво и откако по спроведената контрола од страна на официјален ветеринар и направената категоризација, фармата ќе биде категоризирана со среден или низок ризик.“ – соопштуваат од АХВ.
Инаку , Со решение од 15.08.2022 година, добиточниот пазар во село Облешево општина Чешиново – Облешево беше забранет за промет на свињи и на сите останати видови животни, заради потврда на болеста во 5 одгледувалишта во општина Чешиново Облешево. Со истото решение забранет беше прометот на свињи на целата територија на земјава. Со решение од 23.02.2023 година останува на сила забраната за промет на свињи на целата територија на земјата, а со истото решение, добиточниот пазар во с. Облешево е отворен за работа за останати видови на животни (освен свињи), додаваат од агенцијата.
Лаура Стојанова М-Нет