Отворена Правна клиника на УГД, ќе овозможи бесплатна правна помош и студентска пракса

Отворена Правна клиника во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“, која ќе овозможи пристап до право за граѓаните и практична настава за студентите. Правната клиника е формирана во рамки на Законот за бесплатна правна помош, а целта е да се посочи дека секој граѓанин има право за пристап до правда, а со тоа и остварување на правата за пристап до бесплатна правна помош.

„Вклучени во практичната настава се студенти од втора и трета година со кои формиравме тимови и во согласност со тимовите ќе постапуваат во однос на правните прашања во зависност од барателите и потребите на социјално загрозените категории на лица. Правната клиника овозможува на граѓаните коишто имаат потреба од бесплатна правна помош да им помогнат во однос на правните прашања за коишто тие не се во можност сами да си помогнат“, истакна Милица Шутова, професор на Правниот факултет.

Право на иницијален совет и правни мислења имаат сите граѓани, а подоцна со барање за бесплатна правна помош може да се пристапи и кон подготвување документи за застапување пред суд и упатување кон адвокати кои се запишани во регионот за давање ваков вид услуга. Студентите, пак, на овој начин ќе се стекнат со практични вештини.

„Како правник можам да кажам дека навистина ми е жал што во времето јас кога студирав немаше правна клиника. Самото постоење на правна клиника, можност да кога студирате се запознаете со лицата на кои им треба правна помош, да се запознаете со нивните потреби. Тоа значително ќе ви помогне во развивањето на оние практични вештини коишто без практична работа не може да се стекнат. Сите лица имаат право да добијат информација и совет. Доколку лицата имаат потреба од застапуваме, тогаш може да се поднесе барање за бесплатна правна помош со коешто ќе се определи адвокат“, истакна Гоце Коцевски, национален соработник на Советот на Европа.

Новоотворената Правна клиника ја поздрави и правник од Велика Британија, кој присуствување на денешното отворање и посочи дека ваквите инвестиции се особено важни.

„Моето име е Џон и доаѓам од Велика Британија, таму сум адвокат и судија. Јас сум воодушевен што сум овде, ова е важен развој за луѓето во Штип. Инвестициите како оваа се важни како начин за пристап до правда, до правна помош на луѓето кои не можат да си го дозволат тоа. Затоа сум воодушевен што сум овде и што го гледам ова случување кое е, навистина, добро нешто за Штип“, истакна правник и судија од Велика Британија.

Вакви правни клиники постојат во најголем број од факултетите, во Тетово, Битола, на Правниот факултет во Скопје и на уште неколку правни факултети низ државата.

Ребека Спасова М-Нет