За првпат во Штип одбележан светскиот пијано ден

Учениците од Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ во Штип заеднички со Музичка Академија за прв пат денеска се дел од одбележувањето на Светскиот пијано ден во Штип. Со три концерти на кои ќе се престават над 70 ученика музичкото училиште става посебен акцент на одбележувањето на денешниот ден, за првпат и во Штип.

„Настапуваат од нашето училиште околу 73 ученика, пијанисти и од Музичката Академија ќе настапат дел од пијанистите. Ова се случува денеска, среда со почеток од 17 часот. Има три концерти.“ – вели Кавраков.

Подготовките за одбележување на пијано денот во штип траеа во текот на целата година, преку подготовки, јавни настапи и слично. Професорот по пијано и координатор на настанот, Благој Јанев, е благодарен на можноста и задоволен од подготвеноста и во Штип да се одбележи светскиот пијано ден.

„ДМУЦ Сергеј Михајлов Штип го организираше овој ден во соработка со Музичката Академија, и се приклучува кон овој настан кој се одржува 88 ден во годината во чест на 88 клавиши на инструментот пијано. Предвидени се три концерти.“ – додава Јанев.

Пијаното е еден од омилените инструменти за учениците во Државното музичко училиште во Штип и одбележувањето на овој ден преставуваше задоволство и за наставниците и за учениците.

Лаура Стојанова М-Нет