
Најавеното покачување на пензиите од 8,4% согласно со утврдената методологија пензионерите ќе го добијат на крајот од месецов. Според министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, 8,4% за пензионер кој зема пензија од 14.000 денари, ќе значи повисока пензија за приближно 1200 денари.
„Како Влада сме насочени кон системски решенија, а системските решенија значат повеќе приходи на сметките на пензионерите. Со исплатата на пензијата за месец март, којашто следува на крајот од март, сите пензионери ќе добијат зголемување на пензиите за 8,4%. Еве, ако некој земал пензија од 14.000 денари, ќе добие зголемување на пензијата за околу 1.200 денари. Значи, тој што земал 14.000, ќе земе околу 15.200 денари“, истакна министерката Тренчевска.
За пензионерите покачувањето е добредојдено, но не и доволно. И понатаму настојуваат покачувањето да е линеарно, а не процентуално, бидејќи на тој начин ниските пензии добиваат само мало покачување.
Со најавеното покачување, пензионерите со пензии од околу 11.000 денари велат дека не можат да купат многу. Парите одат на лекови и храна, кои во маркетите и аптеките се сѐ поскапи.
Колку за пример, според пресметките на ДЗС, индексот на трошоците на животот во февруари 2023 година, во однос на февруари 2022 година, бележи зголемување од 16.7%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12.4%. Според анализите на ССМ, пак, минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари изнесувале 50.909 денари.
Ребека Спасова М-Нет