
Исечени дрва во наслеба „Пребег“ во Штип ги револтираше тамошните граѓани. Реагираа до нашата редакција дека дел од дрвата покрај детското игралиште во штипски Пребег се исечен речиси до корен. Несватливо за нив е зошто дрвата не се само искастрени туку се целосно исечени, а како што додваат станува збор за дрва стари и по неколку години.
За вака настанатата ситуација одговор побаравме од ЈП Исар, бидејќи тие се јавуваат како извршители, во случајот екипи од Паркови и зеленило ги сечат дрвата. Од таму најпрво кажаа дека извршуваат работи по наредба на комуналниот инспекторат.
Комуналниот инспектор при Општина Штип, Борче Везенков за М-Нет телевизија истакна дека по пријава на приватна фирма излегле на лице место, извршиле увид и донеле одлука.
„По пријава на приватна фирма излеговме на терен, на лице место, бидејќи дрвата пречеле за одвивање на работата. При извршениот увид донесовме одлука со која ги задолживме надлежните од ЈП Исар да излезат и да ги уредат дрвата. Конкретно дали ќе ги кастрат гранките или целосно ќе ги сечат дрвата одлучуваат тие“ – вели Везенков за М-Нет телевизија.
Од ЈП Исар велат дека одлуките кои ги добиваат од страна на комуналниот инспекторат се извршни, тоа значи дека тие не одлучуваат само извршуваат.
„Јавното претпријатие Исар, сечење на дрва и кастрење на дрвата го врши врз база на издадени решенија од страна на Комуналниот инспектор, кои се извршни. Комуналниот инспекторат по барање од страна на физички ии правни лица врши увид на лице место и издава решение. ЈП оваа дејност ја врши преку работна единица Паркови и зеленило и постапува по тие решенија.“ вели Ѓорѓијев.
Дрвата во населба Пребег се исечени изминатите денови, а како што велат надлежните има уште неколку локации на кои ќе се дејствува по пријава на физички и правни лица.
Лаура Стојанова М-Нет