
На мирен предупредувачки протест денеска излегоа здравствените работници од Клиничка болница Штип, како и од Здрваствениот дом „Панче Караѓозов“. Го искажаа револтот од доцнењето на плата која на сметки ја добија во текот на вчерашниот ден, а браат потпишување Анексот на договорот за линеарно покачување на платите за 2700 денари.
„Овој протест е организиран во врска со непокачувањето на платите, кое беше договорено, требаше министерот да го потпише пред месец дена. Сакаме да го израземе нашето незадоволство и да се потпише договорот, што е можно побрзо.“ – вели Голомеов.
Здравствените работници протестираа за време на паузата во периодот од 10 до 10:30 часот. На тој начин работните обврски се завршуваа навремено, а не трпеа ниту пациентите. Додаваат дека нивните плати се речиси еднакви на минималните и затоа бараат да се исполни ветеното зголемување на примањата, како и исплата на регрес за годишен одмор.

„Нашите плати кои се скоро еднакви на минималните, како и одбивање на К-15 и апелираме да не се повтори доцнењето на платите како што беше примерот во јануари месец. Во глобала секаде е тој проблем, недостиг на кадар, обемот на работата секаде е зголемен.“ – вели Ефтимова.
Поддршка на протестот на здравствените работници даде и првиот човек на КБ Штип, доктор Ален Георгијев. Потенцираше дека платите се исплатени, а вели дека во брзо време ќе се потпише и договорот за покачување на платите.
„Скоро сум убеден дека многу брзо ќе дојде до потпишување на тој Анекс на договорот. Сегашните настани кои се случуваат во државата во смисла на извесна промена на министерот можеби ги закочи тие потпушување, но многу скоро ќе се потпише и здравствените работници ќе си го добијат заслуженото линеарно покачување на платата. И јас ги поддржувам барањата на протестот и синдикатот.“ – додава Георгијев.

Врз основа на тоа дали ќе се потпише Анексот на договорот за покачување на платите и кога, ќе се знае дали здравствените работници ќе продолжат со протестите или не. Очекуваат нивните барања да се слушнат и решат во најбрз можен рок, за да не се доведе здравството во ситуација да трпат пациентите.
Лаура Стојанова М-Нет