
Новата лабораторија како дел од АМБИКОН во Штип со нова современа опрема презентирана пред премиерот, Димитар Ковачевски, и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, од страна на раководството на Штипскиот универзитет. Според ректорот, Дејан Мираковски, станува збор за лабораторија која со високо квалитетната опрема овозможува напредни истражувања.
„Имавме можност да ја презентираме опремата во вкупна вредност од 24 милиони денари, од кои околу 17 милиони денари се обезбедени од Министерството за образование и наука, а 7 милиони се сопствени средства. Се работи за опрема од најнови генерации, генерално, фокусирана на подобра анализа и детекција на аеросолите, честички коишто имаат влијание врз здравјето на луѓето“, вели Мираковски.
Министерот Шаќири, пак, истакна дека како Министерство се горди на резултатите кои ги дава вложувањето во научната работа, а за нив фокусот ќе остане на креирање современи услови за истражување и развој на науката.
„Да се овозможат напредни истражувања во кризни услови е предизвик, но е факт со кој се гордееме. Конкретно, на Факултетот за природни и технички науки во Штип инвестиравме во еден од поголемите проекти“, вели Шаќири.
Резултатите од поддршката ги посочи и премиерот Ковачевски, според кого, новата опрема ја осовременува и подобрува лабораторијата, а нуди збогатување на знаењата на студентите и на општата јавност.
„Преку поддршката на модернизацијата на лабораторијата АМБИКОН на УГД, која се издвојува со својот научно-истражувачки потенцијал во национални и меѓународни рамки, како Влада ја истакнуваме нашата заложба за поддршка на проектите и инвестициите од областа на науката“, истакна Ковачевски.
Како што истакнаа од Влада, од вкупниот буџет за научно-истражувачка дејност за 2023 година, најголем дел се предвидени за национални научно-истражувачки проекти, а се планира и поддршка на научни трудови и научни собири.
Ребека Спасова М-Нет