Тонев: Иницирала ли Левица геј парада во Штип? Михајловски: Барање нема, само обид за манипулација

Вистина ли е дека советникот на Левица поднел иницијатива за прва геј парада во Штип, праша советникот од ПОДЕМ, Јорданчо Тонев, на советнички прашања. Прашањето го постави до градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Советникот на Левица, Ангеле Михајловски, пак, вели дека станува збор за очаен обид на Тонев да го дискредитира него и партијата Левица. Со ова Тонев сакал само да го скрие фактот дека гласал против поддршка на Дувачкиот оркестар во Штип.

„Немајќи начин како да се скрие зад ФАКТОТ (личната БРУКА) дека гласаше ПРОТИВ барањето за поддршка на сите членови на Дувачкиот оркестар во Штип, кои се академски музичари, советникот од Подем, Јорданчо Тонев, сака со ЛАГИ да ја дискретира Левица и советникот од Левица. Да потсетиме, единствено советникот од Левица неодамна го разобличи претседателот на Комисијата за култура Тонев, кој освен што дава ,,амин” на терен за асфалтирање, НЕ дава поддршка за академските КУЛТУРНО-УМЕТНИЧКИ вредности со кои се гордее Штип. Советникот од Левица останува во одбрана на квалитетната музичка и уметничка фела. Од страна на советникот од Левица, НЕ е поднесена ваква Иницијатива, ИЗМИСЛЕНА од Јорданчо Тонев, кој преку теми кои тангираат одредени заедници и целни групи, сака да направи обид за дискредитација на советникот Ангеле Михајловски.“ – стои во реакцијата од ЛО на Левица во Штип.

Градоначалникот Јорданов, до кого беше поставено прашањето, вели дека досега такво барање до службите нема постигнато.

Ребека Спасова М-Нет