
Од денес започнува Божиќниот пост, кој му претходи на Раѓањето Христово и трае околу 40 дена. Овој пост исто така се нарекува и „Филипов пост“, бидејќи започнува по 27 ноември – ден на споменот на апостолот Филип. Како што поучува христијанството, божиќниот пост е воспоставен за очистување со покајание, молитва и пост пред раѓањето на Синот Божји, Исус Христос. Наместо обични дарови и жртви, преку постот се настојува да се принесе чистото срце и желба за Христовото учење. Црквата пропишала посебен типик за овој пост, кој е поблаг од велигденскиот.
„Овој пост е поблаг во однос на велигденскиот т.е. во понеделник, среда и петок е без масло, во четврток и вторник со масло, а во сабота и недела е разрешено риба, но доколку се падне и некој друг празник, според типикот, се разрешува и во другите денови. Постите се духовна и телесна подготовка за дочекување на радосните денови, кои ни претстојат, рождеството Христово, бидејќи тоа е почетокот на спасението на нашите души. Ако Христос не се родеше, не дојдеше на земјата и не воскреснеше, залудна ќе беше нашата проповед. Постот треба да биде зајакнат со поголема молитва, бидејќи св. Јован Златоуст има речено дека постот и молитвата се двете крилја кои душата ја носат во Царството Небесно“, вели отец Добрица Јанев.
Правилата пропишани од Црквата, всушност, се исто како и за Петровденскиот пост. За време на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето. Рибата за време на Божиќниот пост се разрешува во саботните и неделните денови, како и на големите празници, каков што е празникот „Воведение во храмот на Пресвета Богородица“, а исто така и на храмови празници и деновите на големите светии, но само доколку тие празници се паднат во вторник или четврток. Доколку празникот се падне во среда или петок се разрешува на вино и масло. Од 2 јануари до 6 постот се засилува и во тие денови, дури и во сабота и недела рибата не е благословена.
Инаку, времетраењето на божиќниот пост се поврзува и со четириесетдневното патување на тројцата мудреци до пештерата Витлеем. Затоа се вели дека постот е ѕвезда водилка за сите кои исто како и мудреците поверувале во пророштвото за раѓањето на Спасителот, единствената ѕвезда водилка која била најсветлата ѕвезда.
Ребека Спасова М-Нет