Мицкоски: Инфлацијата и следната година ќе биде двоцифрена поради неспособноста на Владата

Инфлацијата и следната година ќе биде двоцифрена, смета лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Сепак, според него, повеќе загрижува тоа што растот на приходите во Буџетот за следната година, Владата го темели на тоа граѓаните ќе плаќаат поскапи производи.

„Според Буџетот кој што го предложија за следната година предвидуваат инфлација од 7,7% и раст на економијата од 2,9% на БДП. И на основа на овие два параметри тие ја темелат претпоставката дека ќе соберат повеќе од 400 милиони евра во Буџетот. Замислете, значи Владата ја користи инфлацијата за да собере повеќе пари од граѓаните и стопанството за да троши. Они велат 7,7%, иако јас мислам дека двоцифрена ќе биде и следната година стапката на инфлација во одредени месеци, сега просечната во текот на годината можеби нема да биде толкава и ќе зависи и од некои други фактори. Но, сепак мислам дека во некои месеци таа ќе биде двоцифрена“, додаде Мицкоски.

Кога живееме во тешко време, вели Мицкоски, државата се раководи со земање од народот и стопанството. Токму затоа, според него, народот ќе им каже на избори што мисли и ќе доживеат историски пораз.

„Живееме во многу тешко време, многу сложено време кога народот едвај крај со крај врзува од први до први. Навистина многу тешко време со многу предизвици, пред сѐ овде зборувам за економско – социјални. Кога сето тоа ни се случува, имаме една мала група на наши сограѓани, слепи послушници на власта на СДСМ и ДУИ коишто книжат месечно илјадници евра, а годишно стотици илјади евра и тоа го прават без срам, без ни малку чувство за тоа што граѓаните буквално мизеруваат“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека инфлацијата не е увезена, бидејќи инфлацијата во Македонија е двапати поголема од таа којашто е во Европа. Eнормната инфлација во Македонија, според него, се должи на неспособноста и слабото менаџирање на Владата.

Ребека Спасова М-Нет