
Откриен муралот на Божидар Симоновски во штипскиот Дом на млади. Уметничкото дело е на Елена Поповска, која вели дека работата била исклучително значајна за неа, имајќи предвид дека се работи за важна личност.
„Станува збор за мурал, којшто е насликан во поп-арт стил. Задоволството беше огромно, бидејќи станува збор за една, не само штипска легенда, туку музичка легенда, којашто има многу придонесено за културата во Македонија“, истакна уметницата, Елена Поповска.
Според директорот на институцијата, Видан Лазарев, овој мурал, секако, ќе биде потсетник на големата работа на Симоновски, но и поттик и обврска да се зачува Домот на млади.

„Да се надмине успехот на овој човек е невозможно. Да се биде негова замена е пеколно тешко. Сепак, се согласив да ја раководам институцијата, не оти ќе го надминеме Бошко, туку оти тоа му го должиме ние на градот. Наша обврска е да го зачуваме Домот на млади, нашиот сегашен и иден успех се должи на тоа оти стоиме на рамениците како Божидар Симоновски“, истакна Лазарев.
Настанот беше збогатен со музичка точка за време на откривањето на муралот, а потоа следеше и музички настан во Домот на млади.
Ребека Спасова М-Нет