
Денес беа одиграни двата одложени натпревари од 6. коло од Втората македонска фудбалска лига, со што конечно ги имаме сите одиграни натпревари по седум одиграни рунди.
Фудбалерите на Охрид на домашен терен го добија дуелот против Детонит Плачковица со резултат од 2:0, со што домашните фудбалери на своето конто впишаа три многу важни бодови и направија прогрес на табелата. Гледачите на телевизија М Нет имаа можност да го следат овој дуел во живо.
Детонит Плачковица денес целосно потфрли и го одигра можеби еден од послабите натпревари во тековната сезона, но на целата игра влијаеше и исклучувањето на Дарко Алексовски, кој во 31. минута од мечот заработи директен црвен картон поради удирање со лакт противнички играч. Охрид одигра добар натпревар имаше доста атрактивни шанси кои не ги искористи.
Охрид резултатот го отвори во 19. минута од мечот преку Мартин Нически, кој успешно ја смести топката во мрежата на Димитар Ѓоргиев. Откако во 31. минута Алексовски го напушти теренот поради директен црвен картон, четата на Горан Здравков остана без играч помалку.

Две минути по исклучувањето на Алексовски, Охрид стигна до водство од 2:0, откако Ѓоргиев капитулираше по втор пат, а стрелец на голот беше Александар Ѓорѓиески.
Во вториот дел Детонит Плачковица имаше неколку шанси, но истите немаа реализација, додека пак Охрид постигна погодок, но истиот беше поништен поради офсајд, па така резултатот од 33. минута стана конечен.
Кожуф на домашен терен загуби од Караорман со 0:2 и со тоа го впиша својот четврти сезонски пораз. По мирните мрежи во првите 45 минути, во вториот дел Сашо Шопоски го отвори резултатот за водство на стружани во 59. минута.
Надежта за евентуален бод за домашниот тим ја сруши Ники Зумровски во 74. минута, откако си постигна автогол со што ги постави конечните 0:2. Во 78. минута гостинскиот голман Антонио Столевски одбрани пенал при водство 0:2 за стружани.
Охрид сега е на делба на седмата позиција заедно со Караорман, овие две екипи имаат по 10 освоени бодови, а тоа ќе понуди голема пресметка во „езерското дерби“ веќе в недела, кога двете екипи ќе се соочат на „Билјанини Извори“ во Охрид.
Детонит Плачковица останува на четвртото место со 13 бодови и ја пропушти шансата да се проби пред Гостивар и со тоа да биде трет на табелата. Кожуф останува на 11-тото место со 7 освоени бодови, колку што има и Тетекс, кој се наоѓа на 12-тото место на табелата.
Колку за потсетување непоразен лидер на табелата е Вардар со 19 бодови, два помалку има второпласираната Воска Спорт, а пак трет со 15 бодови е Гостивар. На дното без бодови и понатаму останува Борец.
- ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ВТОРА ЛИГА:
