Бочварски: Експресниот пат Штип – Кочани ќе биде пуштен во сообраќај до крајот на декември

Заради експропријација на земјиште експресниот пат Штип – Кочани, втора делница Крупиште Кочани треба да биде завршена до месец декември оваа година. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска од Пробиштип истакна дека во тек се градежни активности и се очекува до крајот на годината да биде пуштена во употреба, откако претходно четири пати беше пролонгиран крајниот рок на завршување.

„Имаше една постапка за експопријација која одзеде повеќе од планираното време, таа денеска е завршена. Овој експресен пат е со преку 92% во прогрес на работите и нашите очекувања се дека во текот на месец декември веќе ќе можеме под времен режим да го пуштиме во сообраќај. Таму се вршат сите градежни работи во моментот, граѓаните тоа го гледаат и со овој експресен пат сакам да потенцирам дека ние ја комплетираме целосно сликата на источна Македонија во делот на патна инфраструктура. И експресниот пат Штип – Радовиш и експресниот пат Штип – Кочани, Крупиште – Пробиштип, како еден од најлошите патни правци во минатото денеска имаме модерна делница, патниот правец кон Лесново, кон Пониква тоа се патни правци коишто децении наназад никој не се сетил да ги направи, а денеска овие патни правци се изградени“ – кажа Бочврски.

Според Бочварски со ваквите инвестирања во патната инфраструктура Источниот регион од најзапоставен регион во државата, денеска е регион во којшто патната инфраструктура е инфрастурктура за пример во државата. Сега се следи чекорот и во останатите региони да се постигне уште повисоко ниво на изградба на патната инфраструктура.
Инаку, втортата делница од експресниот пат Штип – Кочани конечно требаше да биде завршена оваа есен, откако претходно неколкупати рокот беше пролонгиран.

Лаура Стојанова М-Нет