
Пропадна и вториот тендер за воведување на јавен линиски превоз во Општина Штип. И покрај тоа што општината се обиде да ги промени условите за превозниците, сепак и на вториот тендер нема пријавено ниту една фирма. Тоа значи дека граѓаните од приградските штипски населби и понатаму остануваат без градски превоз и покрај тоа што во неколку наврати истакнаа дека има огромна потреба од истиот и треба да се воведе за доброто на граѓаните.
“Општината распиша тендер по втор пат за доделување линии за општински линиски превоз, кој имаше рок до 19 септември. И покрај напорите кои ги вложи општината во поглед на зголемување на субвенциите по километар од 100% и значително зголемување на цените на билетите сепак немавме понуда од заинтересирани превозници за вршење на овој вид на превоз. Општината не се откажува од идејата и реализацијата на започнување на јавне превоз во општината и ги разгледува и другите опции.“’ – кажа Блажева.
Дали ќе се променат повторно условите и ќе се распише нов трет тендер за превозник кој ќе врши градски линиски превоз во Општина Штип или ќе се формира ново јавно претпријатие, конкретно не прецизираат. Блажева вели сега се разгледуваат сите можности, а што ќе се одлуќи навремено ќе се информира.
„Значи нов можен трет тендер, за измени во одлука за воведување на јавен превоз во однос на формирање на јавно претпријатие и сите останати опции, се што може да биде со цел за воведување на овој вид на превоз.“ – додаде Блажева.
Воведување на јавен линиски превоз во Општина Штип беше едно од предизборните ветувања на сега актуелниот градоначалник Иван Јорданов. Уште во првиот квартал од годината тој истакна дека се работи на оваа проблематика. Но, по двата неуспешни обиди за воведување на градски линиски превоз во Штип, граѓаните од приградските населби ќе мора да користат сопствен превоз или такси услуга за да пристигнат до централното градско подрачје.
Лаура Стојанова М-Нет