Вработените во АД Водостопанство подружница Брегалница од Кочани денеска повторно излегоа на мирен предупредувачки протест пред просториите на претпријатието. Од претходниот протест до денеска немаат никакви информации од АД Водостопанство Скопје, а се сомневаат дека нема ја земат ниту четвртата плата која ќе доспее за една недела. Поголем дел од нов живеат од таа плата, па како што велат нивната егзистенција со неисплатата на четири плати се става под знак прашалник.

„Пред еден месец исто бевме соберени, не ни беа исплатени три плати, сега веќе четвртатата плата исто мислиме дека нема да биде исплатена. Ова е како еден мал мировен протест, собравме се повторно спонтано вработените, бидејќи немаме никаков одговор од никој, ниту од нашиот раководител, ниту од АД кое е надлежно за нашата и останатите подружници.“
Не само вработените во кочанската водостопанска подружница, туку сите немаат земено по веќе четири плати. Над 500 вработени се оставени сами на себе да се справуваат со кризата во која живееме и во најтешки моменти тие се оставени без финансиски средства и покрај тоа што редовно биле на работа.

„Исплатата на АД Водостопанство се одвива заедно на сите подружници, има околу 500 до 600 вработени. Три месеци веќе немаат земено плата, за една недела доспева и четвртата плата. Во оваа тешка економска криза тешко е да се сервисираат обврските на вработените и тешко е да се издржуваат семејствата без исплатени плати.“
Претходниот протест на вработените на кочанската водостопанска подружница беше на 30 август годинава. Тогаш раководителот истакна дека не е во негови раце обезбедувањето на плата за вработените. Од АД Водостопанство одговор немаше.
Лаура Стојанова М-Нет