Членови на ЛЗ „Ловец“ обвинуваат за узурпација на функцијата претседател, тој демантира

Горан Илијов е избран за нов претседател на ЛЗ „Ловец“, а Николче Малинов за член на Извршниот одбор на Здружението, тврдат тие на денешната прес – конференција. Двајцата упатија обвинувањa до, според нив, сега веќе претходниот претседател, за кој велат дека нема право сѐ уште да ја држи функцијата. Тие сметаат дека изборите се демократски и легални, а замерките за истите неосновани.

„Иако иницијативата му е уредно доставена на претседателот на Здружението, до ден денес немаме никакво известување за свикување на Собрание, туку самоволно и спротивно на статутот закажува реизбори на Подружници 1 и 2“, вели Малинов.

Претседателот, пак, кој сѐ уште е на својата функција целосно ги отфрла обвинувањата на Малинов и Илијов, потенцирајќи дека замерките за спроведените избори се основани.

„Претседателот констанираше неправилности на одржаните изборни собранија на Подружница бр. 1 и бр. 2, кои се заведени во пишана форма, за кои постојат и документи. Поради ова мора да има прегласување. Ловното друштво има 550 члена, што значи дека потребно е сите од нив да се произнесат, а не само двајца. Посочените лица сакаат да го узурпираат Ловното друштво, а и неколкупати во последните 10 – 15 години се фатени во ловокрадство, за што има и документи. Ловното друштво за само осум години има имот во вредност од 11.000.000 денари.“ – вели претседателот.

Во известувањето, кое претходно е доставено до ЛЗ „Ловец“, се вели дека констатираните нерегуларности се во спротивност со Статутот на ЛЗ „Ловец“ и Законот за спречување корупција и перење пари, поради што Претседателот повикувајќи се на чл. 60 од Статутот на ЛЗ го има искористено своето право на вето.

Ребека Спасова М-Нет