
Во приградските населби нема да има ниту една улица во прашина и кал, вети градоначалникот Јорданов. Градежните активности започнаа од населбата Балканска, каде една од тамошните улици се подготвуваше за асфалтирање.
„Започнуваме со градежни активности со нанесување насипи од земја за трасирање на улиците коишто во следна фаза ќе бидат асфалтирани. Станува збор за асфалтирање на сите улици во населба Балканска, со што комплетно ќе ја подобриме патната инфрструктура во оваа населба“, истакна Јорданов.
Со ова продолжува реализацијата на проектот „Штип без кал“ во приградските населби, кој започна уште изминатата есен. Јорданов потенцираше дека по асфалтирањето на улиците во населба Балканска, со проектот ќе бидат опфатени сите улици и во други приградски населби.
„Со овој проект ќе ги асфалтираме сите улици во населба Балканска, но нема да застанеме овде, вклучувајќи ги и населбата Караорман, Железничка, Чардаклија, коишто сѐ уште имаат улици со кал, прашина, земја, коишто немаат асфалт. Верувам дека во наредните месеци и години во Штип нема да остане ниту една неасфалтирана улица. Влегуваме етапно од населба во населба“, додаде Јорданов.
Општина Штип за капитални инвестиции издвојува 37% од буџетот, односно 250 милиони денари. Јорданов вети реконструкција на повеќето улици во приградските населби уште во првиот квартал од годинава.
Ребека Спасова М-Нет