
Загаденоста во централното градско подрачје во Штип е на незавидно ниво, а ветените подземни контејерни сѐ уште и нема, обвинија денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму велат дека контејнерите се чистат во време кога во градот има најголем метеж.
„Нехигиената во градот е резултат на лошото менаџирање на ЈП Исар. Откако ВМРО ДПМНЕ е на власт граѓаните сведочат на грдата слика во центарот на градот, контејнери полни со смет кои со денови стојат на високи температури и од кои се шири непријатна миризба. На сето ова, ЈП Исар сметот го подигаат во време на најголемиот сообраќаен шпиц со што го блокираат сообраќајот и создаваат метеж.Неспособноста и импровизацијата во делот на комуналната хигиена ја нагрдува сликата за Штип како центар на Истокот. Јорданов ги излажа граѓаните, подземни контејнери во Штип нема“ – кажаа од ОО на СДСМ Штип.
Директорот на ЈП Исар Трајче Здравков истакна дека тие работат согласно планот и програмата за работа.
„Како е предвидено во програмата, опфатени се сите контејнери за земање на смет, имаме поедини контејнери кои во текот на денот не можеме да ги исфрлиме поради сообраќајот, истите ги исфрламе на втора и трета смена навечер. Дополнително контролори работат, така да можам да кажам дека ЈП Исар го исфрла сметот согласно програмата и динамичниот план за исфрлање на сметот.“
Од општина Штип во писмено соопштениe напишаа дека СДСМ наместо да бараат подземни контејнери да се преиспитаат зошто го ставија претпријатието под земја,
„Паушалните изјави на опозициската партија , докажуваат пред јавноста дека не живеат во реалноста. А реалноста, поради нивната неспособност е недомаќинско трошење на 5 милиони евра во ЈП Исар. Затоа, наместо да ги бараат подземните контејнери, да се преиспитаат зошто изминативе години, директорите од СДСМ, ЈП Исар токму тие го ставија под земја. “ – напишаа од општината.
Лаура Стојанова М-Нет