Штипските гимназијалци големите успеси ги презентираа пред градоначалникот Јорданов

Околу триесетина ученици од штипската Гимназија се закитија со успеси и дипломи во повеќе области. За мотивот, инспирацијата и своите резултати денеска зборуваа на прием кај првиот човек на Општина Штип, градоначалникот Иван Јорданов. Директорката на училиштето, Весна Ристова, истакна дека ова за училиштето е од големо значење, затоа што така се постигнува поставената цел.

„Ова е големо постигнување за целиот раководен тим на училиштето, затоа што посветено се работи. Знаеме каква е улогата на еден ментор. Значи една голема гордост, затоа што нивниот успех е и наш успех. Имаме извонредни ученици коишто планираат да бидат идни интелектуалци, да бидат академски граѓани. Нашата цел е првично таа, да ги препознаеме најдобрите, да ги афримираме“, истакна Ристова.

За професорите – ментори резултатот значи гордост, но и ентузијазам за понатамошна работа. На учениците, пак, голема мотивација им е знаењето, но и секоја следна диплома.

„Ние, еве јас како професор, а и останатите професори, навистина сме горди на нашите ученици, на ентузијазмот коишто го покажуваат, бидејќи овие резултати говорат за тоа дека навистина се работи со посветеност, дека навистина имаме интелигентни ученици“, вели професорката Данка Јовева.

„Ме инспирира желбата за знаење. Тоа секогаш е најголемата мотивација, бидејќи никогаш не знаеш што ќе ти биде корисно. Во одреден момент може да ти се најде“, додава ученикот Адријан Михајловски.

Од средбата градоначалникот Јорданов констатираше дека штипската Гимназија е расадник на таленти, кои постигнуваат огромни успеси. Токму затоа Општината ќе распише и јавен конкурс за сите ученици кои постигнале успеси од основните и средните училишта на територија на општина Штип.

„Започнуваме со стипендирање на ученици со објавување на конкурс за пријавување на сите постигнати резултати на учениците од сите основни и средни училишта во нашата општина. Со тоа ќе дадеме дополнителен стимул и мотив да учествуваат на државните натпревари, да нижат успеси и да нѐ гордеат нас како општина, а со тоа и да создадат вредност во општеството, да се доквалификуваат, да стекнат повисок степен на образование и да придонесат во општеството“, потенцираше Јорданов.

Меѓу наградените се ученици во областите на биологијата, информатиката, физиката, спортот, јазиците, филозофијата и други. Постигнатите резултати се на општински, регионални и државни натпревари, но и на олимпијади.

Ребека Спасова М-Нет