
Силниот ветер вчеравечер турна неколку дрвја и електрични столбови и во Штип. Во попладневните и доцните вечерни часови краткотрајното невреме причини и неколку штети во Штип, меѓутоа паднатите дрвја и столбови, главно, завршија на улица и не причинија значителна материјална штета. Единствено, требаше да се обезбеди безбеден и нормален проток на сообраќајот, за што на терен беа екипите на ЈП „Стипион“ и ТППЕ Штип.
„Вчера, околу 17:45 часот имаше пријава од страна на сообраќајната полиција и од страна на граѓани на општина Штип за паднати дрвја на коловозите во нашиот град. Имаше паднато дрва на повеќе локации, во населбите Железничка, Сењак, кај зградата „Порта пролет“. Вработените на ЈП „Стипион“ заедно со противпожарната единица излегоа веднаш на терен и ги отстранија. Немаме информации дека има предизвикано материјална штета, бидејќи голем број од дрвјата беа паднати само на коловозите“, истакна директорот на ЈП „Стипион“, Игор Ефтимов.
Како што додаде Ефтимов, сите паднати дрвја и електрични столбови се отстранети уште вчеравечер, со што во текот на денешниот ден немаше проблеми во однос на одвивањето на сообраќајот.
Ребека Спасова М-Нет