Силно невреме во Лозово причини огромни штети и го преплаши семејството Ивановски

Силното невреме вчеравечер го преплаши семејството Ивановски во с. Сарамзалино. Големо дрво, кое падна од силниот ветер, уништи поголем дел од покривот на семејната куќа, каде во тој момент било и нивното неколку месечно дете.

„Ние бевме внатре и само одеднаш слушнавме како нешто тресна силно. Се разлетаа керамидите и кровот пропадна, видовме паднато дрво. Од ветер беше, ама како, што, не знаеме. Еве го, детето уште плаче. Другото, среќа, го однесовме во Свети Николе, не беше овде. Којзнае што ќе беше. “, вели Илчо Ивановски.

Ивановски вели, среќа е што никој не е повреден. Меѓутоа, материјалната штета е голема. Надлежните уште вчеравечер беа на терен, па градоначалникот Цветковски потенцираше дека штетата дополнително ќе се утврдува.

„Внатре има, кровот е продупчен. Исто и надвор се штетите, целиот кров е сплескан. Треба некој да помогне, кој би сакал да се случи сега тоа. Ниедно време е, треба да се помогне“, додава Ивановски.

„Во населено место Сарамзалино има штети на приватен имот. Сега ќе излеземе на терен и ќе видиме за колкав проблем станува збор“, рече Цветковски.

Освен во Сарамзалино, невремето предизвика штети и во село Милино, каде беа блокирани патиштата до околните села. Механизацијата на комуналното претпријатие беше на терен за да се обезбеди непречен сообраќај.

„Веднаш по невремето, екипите на ЈКП излегоа на терен и по неколку часовна активна работа го ставивме во функција патот Лозово – Милино за нормален сообраќај. Благодарност на сите работници коишто се одзваа на повикот“, истакна директорот Јордан Илиев.

„Патот беше целосно блокиран. Меѓутоа, ние знаеме да функционираме, излеговме на терен. Нема да оставиме така, за нас најважна е безбедноста на граѓаните. Сакам да се заблагодарам на багаристот, кај него дома во моментов се одвива матурска вечер, а тој е со нас на терен“, додаде Цветковски.

Теренот го обезбедуваше полицијата, а екипи од противпожарната единица од Свети Николе со своја опрема помогнаа за расчистување на теренот. Во расчистувањето се вклучи и месно население. Првичните утврдувања покажуваат причинета огромна материјална штета, најмногу настрадаа неколку приватни имоти.

Ребека Спасова М-Нет