СДСМ: Јорданов промовира наши проекти Јорданов: Да сакале ќе ги завршеле во нивниот мандат!

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ ја напушти седницата кога се донесуваа проекти од витално значење за Штип, за денес градоначалникот Јорданов гордно да ги промовира истите, истакнаа на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Со ова според нив се гледа дволичноста и лицемерието на првиот човек на Штип.

„Во интерес на целосно информирање на граѓаните потсетуваме на дволичноста и лицемерието на Иван Јорданов. Седницата на Советот одржана на 27 ноември 2019 година кога под точка 15 на дневниот ред беше планот за програми и развој на Општина Штип во периодот од 2020 – 2022 советничката група на ВМРО ДПМНЕ ја напушти седницата и не гласаше за реализирање на проектите кои денес Јорданов ги промовира“ – кажаа од СДСМ.

На ова Јорданов одговори дека ги разбира СДСМ кои сега во опозција, бидејќи имале доволно време да направат нешто за градот, а тоа не го сториле. Затоа според него на ваков начин, со вакви прес конференции ја замајуваат јавноста.

„Четири буџетски години потрошија не оставија зад себе ниту еден реализиран проект, нормално дека ќе се служат со вакви прес конференции. Доколку имале волја и желба да реализираат некој проект имале време во изминатите четири години да го направат тоа“ – кажа Јорданов.

Крстосницата во населба Сењак е во фаза на реконструкција, односно поставен е првиот асфалтен слој, а треба да се постават и светлосна сигнализација и уредување на тротоарските површини. Проектот е на Општина Штип, а средствата се обезбедени од Светска Банка преку Министерството за Транспот и врски.

Лаура Стојанова М-Нет