
Со индивидуални и групни бесплатни посети на единствениот музеј на ретки минерали во Пробиштип беше одбележан Меѓународниот ден на музеи – 18 мај. Ученици од двете основни училишта, Гимназијата и детската градинка, но и останати заинтересирани пробиштипјани можеа да уживаат во вистинската реткост на градот.
„Она што може да го видат во музејот е околу 250 изложени ретки минерали, коишто се пронајдени на територија на општина Пробиштип, но имаме и минерали од рудници од целиот свет. Она што се наоѓа внатре е вистинско богатство, нешто што е карактеристично за нашиот град. Навистина претставува чест и задоволство што после долги години веќе ни е отворен музејот и може да се видат минералите коишто се наоѓаат внатре“, истакна Сандра Мијалковска, Директорка на Музејот.
Според посетителите, кои денеска имаа можност бесплатно да го видат изложеното богатство на пробиштипските, но и светските рудници, ова е една убава идеја за промоција на градот. Учениците, пак, преку ваквата активност можеа практично да ги видат нештата кои ги изучуваат во училиштата.
„Сето ова потенува од нашиот рудник за олово и цинк, што значи дека и те како треба да го чуваме и негуваме. Ова е едно убаво издание во нашиот град, коешто може да го посетат сите заинтересирани и, секако, една убава идеја за промовирање на нашиот град.“
„Одлична можност е што можеше да се посети оваа одлична збирка на минерали. Вреди да се посети, бидејќи нашиот град е рударски град и тоа може да се види во овој музеј.“
„Може да ни помогне на часовите по Хемија, бидејќи ги видовме минералите коишто ги изучуваме во текот на целата година.“
Музејот на ретки минерали во Пробиштип беше отворен во јуни минатата година. Општината која е препознатлива по рударството доби импозантна збирка од над 250 минерали, како единствено место каде туристите може да ги видат ваквите богатства на државата. Ретките минерали се од целиот осоговски масив, рудниците Саса во М. Каменица и Тораница во К. Паланка, а музејот е изграден во форма на кристал од минерал.
Ребека Спасова М-Нет