Дерала: Секогаш сме за подобри услови и повисоки плати, медиумите се под силен притисок

„Ние секогаш сме за подобри услови и повисоки плати на работниците“, ваков е ставот на Џабир Дерала од Центарот за слобода „Цивил“ во врска со штрајкот на локалните и регионалните телевизии. Според Дерала, организацијата ги поддржува сите борби за подобар социјален статус на работниците и работничките, особено за подобри услови за работа на медиумите и медиумските работници.

„Потребно е да се погледнат работите објективно. Секогаш е добро да има повисока плата, секогаш е добро да има уште подобри услови за работа. Како организација од година во година го гледаме тој се’ поразочарувачки факт дека нашата медиумска сфера има извонредни капацитети, фантастични професионалци. Меѓутоа, парите се се’ помалку. Заради тоа веруваме дека нивните барања се повеќе од оправдани. Веруваме дека новинарите и новинарките секојдневно се соочуваат со низа предизвици“, истакна Дерала.

Како што додава тој, медиумските работници се под силен егзистенцијален и политички притисок, па новинарите и новинарките често се колебаат дали да одат подлабоко во сторијата, имајќи предвид дека ќе бидат нападнати од партиските приврзаници. Од друга страна, пак, проблем во медиумската работа се и многуте дезинформации.

„Мора да се проверат изворите, да се обидат што посериозно и зрело да гледаат на нештата. Фактите укажуваат на тоа дека има една вистина и дека пропагандните активности на центрите на моќта мора да се одвојат од тоа што претставува вистински информацијата. Веста и пропагандата се две различни работи“, додава Дерала.

Денешната активност на тимот на ЦИВИЛ беше промоција на проектот „Чекор напред кон мултикултурното општество“ во Штип, каде беше остварена и средба со градоначалникот, претставници на граѓанските организации и медиумите, а граѓаните на информативниот штанд можеа подетално да се запознаат со активностите.

Ребека Спасова М-Нет