1.000.000 денари од општинскиот буџет во Штип за урбана опрема во нас. Баби и возило за чистење канализација

Општина Штип ќе издвои речиси 500.000 денари за поставување на урбаната опрема на игралиштето во населба Баби. Остатанатите финансиски средства, околу 4.500.000 денари ќе се бараат од Бирото за регионален развој. Советот на Општина Штип на денешната седница ги одобри финансиските средства за кофинансирање на проектот кој се спроведува во рамки на јавен повик.

„По објавен јавен повик за прибирање на предлог – проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив урбан развој од Општина Штип е подготвен предлог – проект насловен „Поставување урбана опрема на зелена површина во населба Баби“ за кој е потребно финансиско учество за кофинансирање со средства во износ од 449.938 денари од вкупната вредност на предлог – проектот кој изнесува 4.949.938 денари. Со ова останатите 4.500.000 денари ќе бидат побарани за одобрување од Бирото за регионален развој кое го објавува овој повик“, истакна Лазар Соколовски, претставник на Одделение за локален и урбан развој при Општина Штип.

Нешто повеќе, 600.000 денари, се одобрени за кофинансирање на проект чија цел ќе биде набавка на специјализирано возило за чистење на канализационата мрежа во Штип. Останатите финансиски средства ќе се бараат од Министерството за локална самоуправа.

„Општина Штип согласно со своите приоритети, согласно со објавениот јавен повик од Министерството за локална самоуправа за финансирање на предлог проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2022 година по одделни мерки и активности за рамномерен регионален развој, подготви предлог – проект насловен „За модерен, урбан и чист град“ и подготви барање за доделување средства по овој повик. Од страна на Општина Штип е потребно да се обезбеди финансиско учество за кофинансирање во вкупен износ од 600.000 денари од вкупната вредност од 6.600.000 денари. Останатите средства ќе бидат побарани од Министерството за локална самоуправа како објавувач на овој повик“, истакна додаде Соколовски.

Предлог – одлуките беа прифатени од трите надлежни комисии, Комисиите за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина, за статут и прописи на Советот на Општина Штип и за финансирање, буџет и локален економски развој. На денешната седница на Советот беа и едногласно усвоени со 18 гласа „ЗА“.

Ребека Спасова М-Нет