
Од денеска започнуваат велигденските постои кои траат 40 дена, и завршуваат на големиот христијански празник Велигден. Во животот на македонскиот човек, значајно место има велигденскиот пост, не само како најдолг туку и како најстрог. Исус пред да го почне своето учење, (откако бил крстен), 40 дена минал во пустина во строг пост и молитви. А бидејќи во текот на овој период се случиле и неговите страдања (фаќањето, мачењето и распетието) и постот е проследен со многу телесни и душевни одрекувања.
„Овој пост трае од Чист понеделник до Велигден. Тој период од 40 дена има типик или правило како се пости. Суштината е од понеделник до петок без масло, сабота и недела масло, а риба е дозволено само на Благовец и на Цветници. Бидејќи тежината на празникот е голема, поголема е и тежината на постот. Но, сепак секој оној кој сака да пости треба да се консултира со својот свештеник за да се договорат како ќе оди постот, бидејќи не можеме да ги тераме луѓе кои имаат тешки болести, кои се стари и изнемоштени да важат истите правила и за нив“ – вели Јанев.
Постот не значи само откажување од мрсна и обилна храна, туку и контрола на страстите, откажување од пијанства, веселби и радости. Светите отци, постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната од животинско потекло.
Лаура Стојанова М-Нет