Финишираат работите на локалниот пат Кочани – Мојанци

Изведувачот на градежните работи на локалниот патен правец од Кочани до Мојанци, „Стоименов“ го подготвува теренот за асфалтирање.

Градоначалникот Николчо Илијев, при увидот на активностите истакна дека застојот во работите на локалниот пат од Кочани до Мојанци не беше по ничија волја и донесе многу оправдани реакции.

– „На почеток се појавија неочекувани технички проблеми поради изведбата на колекторскиот систем, а потоа проблемите со коронавирусот, што предизвика доцнење во реализацијата на сите проекти. За наша среќа и задоволство на граѓаните, ниту еден планиран проект не е откажан. Сите ќе бидат реализирани и по олабавувањето на мерките, веќе голем дел од изведувачите продолжија со работите на сите проекти и очекуваме со мало оправдано задоцнување, сите проекти да се завршат. Им се извинуваме на мештаните од трите села, Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, кои најдиректно ги чувствуваа тешкотиите од поправките на патот. Очекуваме добрите намери со кои е преземена иницијативата за реконструкција на овој локален патен правец, наскоро да бидат остварена цел“ – изјави Илијев.

Патот од преминот преку железничката пруга, пред Подлог до селото Мојанци е со должина од 3,2 км и ширина од 4,5 м, со тротоар од едната страна, таму каде што дозволуваат условите. Средствата за реконструкција се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, со чија финансиска помош се изгради и Пречистителната станица за отпадни води во близина на селото Мојанци. По асфалтирањето, патот целосно ќе биде осветлен.