
Тест – звук на сирена за авионски, воздушен или нуклеарен напад во Штип не е слушнат со децении. Сирени кои би означувале алармантна ситуација во Штип има на неколку локации, исто така и скривници. Екипата на М-Нет Телевизија направи обиколка при што посетивме неколку од нив. Во каква сотојба се истите, дали се одржувани или не и дали, впрочем, истите се во функција. Снимките на терен покажаа ситуација која не е добра. Дел од вратите на скривниците стоеа сѐ уште, дел веќе беа украдени, цевките за дотур на воздух и вода – едни стоеа, други веќе не.
Граѓаните кои живеат во близина на градската библиотека и средното текстилно училиште каде и впрочем ги посетивме скривниците велат дека предметите кои можеле веќе биле украдени. Останатите граѓани кои ги сретнавме во централното градско подрачје ги прашавме дали знаат дека во Штип постојат скривници и сирени. Некои знаат, некои не, но сите согласни дека и да има, веќе не се функционални, а звукот на сирените го немаат слушнато долго време.
Зошто тест звук на сирена во Штип не е слушнат со децении одговор побаравме и од ЦУК. Од Центарот во Скопје нѐ упатија во Штип, оттаму, пак, во телефонски разговор ни рекоа да ги побараме утре. Собата во општинската зграда односно Служба за информирање за тревоги не беше отворена. Се обидовме да влеземе, но вратата беше затворена и никој не отвори.
Лаура Стојанова М-Нет