Штипскиот Основен суд работи со намален кадар, повеќе предмети и оптоварување на судиите

Штипскиот Основен суд работи со 14 судии т.е. вкупно 83 вработени. Сепак, според систематизцијата предвидено е вкупен број од 120 вработени, од кои 19 судии. Дополнително, минатата година еден од судиите се пензионирал, а годинава од иста причина ќе се испразнат уште три места.

„Според систематизацијата, во Основен суд – Штип е предвидено да има 19 судии. Моментално активни имаме 19 судии, вклучително со претседателот на Судот и еден судија којшто е член на Судскиот совет и чијашто функција мирува. Како што напоменав, во оваа година се очекува заминување во пензија на тројца судии, а избор на еден судија, така што ова ќе се надмине со поголем ангажман на судиите, иако би било добро доколку сите предвидени места се пополнети. Тука е и проблемот со делегирањето на судиите, особено во апелационото подрачје, каде имаме голем недостаток од судии. Судии од еден се делигираат во друг суд и тоа дополнително ја отежнува работата“, вели претседателот на Основен суд – Штип, Ѓорѓи Андонов.

Со еден пензиониран судија и неколку пензионирани судски службеници претходната година имало повеќе прилив на предмети, но и повеќе решени предмети. Сепак, оваа година недостатокот би можел да влијае на резултатот и судиите дополнително да бидат оптоварени со работа.

„Имаме совладано прилив на предмети коишто се примени во нашиот суд во минатата година и тоа споредбено до 2020 година за 35% поголем број на предмети. Исто толкав процент се решени од страна на Судот. Притоа треба да се нагласи дека тоа е направено со намалување на судскиот и на службеничкиот кадар, односно со еден судија помалку и неколку службеници коишто заминаа во пензија. Мора да потенцирам дека карактеристично за нашиот Суд е големиот број на предмети коишто ги имаме од работните спорови и тие се движат во број над 1.000 предмети, што е дополнителен товар“, додава Андонов.

Меѓутоа, Основниот суд не одлучува за вработувањата, туку согласно со изготвениот план Министерството за финансии и Судскиот буџетски совет одобруваат одреден број нови вработувања.

Ребека Спасова М-Нет