
Одамна предвидениот проект – Штип да пие вода од ХС Злетовица конечно реализиран. Сепак, на истиот претходеа многу најави, напори и ветувања, а реализацијата е после многу години. Зошто штипски Исар чекаше толку време за да се поврзе и да обезбеди вода од хидросистемот? Директорот на ЈП ХС Злетовица, Миле Илиевски, вели дека проблемот бил во филтер станицата, која претходно не беше наменета за преработка на ваквата вода.
„Пред сѐ, се чекаше поради тоа што беше промашена технологијата на прием на вода од Злетовица. Постојниот систем за водоснабдување на општина Штип и оваа филтер станица е со технологија за прием на вода од бунарски систем. Таа вода е природно прочистена во самите бунари, додека ХС Злетовица пласира вода директно од река Злетовица и се води како површинска вода. За да може да се преработи површинската вода има друга технологијата која не е соодветна на таа што ја имаше оваа филтер станица. Се обидуваше неколкупати да се прилагоди технологијата, но не се успеа во тоа“, истакна Илиевски.
Проблемот според Илиевски е ист и во другите општини кои се поврзале или треба да се поврзат на хидросистемот. Претходно компактибилна филтер станица се изградила во Пробиштип, сега и во Штип. Во Карбинци се работи на истата, а Лозово ќе почне да ја гради.
„Владата на Република Северна Македонија најде слух за проблемот на ХС Злетовица и за самити општини кои се опфатени со проектот, обезбеди средства од буџетот и ги искористи за изградба на нови компактибилни и соодветни филтер станици на ХС Злетовица. Новите филтер станици не се само во Штип, туку и во Карбинци, а ќе почне и во Лозово. Пред десет години е изградена и во Пробиштип“, додаде Илиевски.
Илиевски истакна дека акумулацијата располага со доволно количество вода, особено во најсушниот летен период кога имале доволно за општините кои влечеле вода од хидросистемот. Па и во иднина ќе може да обезбедат за сите кои се опфатени во проектот, односно за Штип, Свети Николе, Пробиштип, Лозово и Карбинци.
Ребека Спасова М-Нет