
По вчерашниот прилог на М-Нет телевизија, полицијата казнуваше на терен. Санкционирани сите возила на плочникот пред Домот на култура, но сликата денес иста. Центар на градот, а просторот полн со непрописно паркирани возила со што се создава и грда слика се намалува и просторот за пешаците, а се затвора и влезот на институцијата.
О д ЈП Стипион и денеска со став дека немаат ингеренција за поставување блокатори на овој простор и дека надлежноста не е нивна. Го контактиравме и сообраќајниот инспектор при Општина Штип, Оливера Блажева, но и таа истакна дека нејзината надлежност е конкретно за улиците во градот под Исарот, со што се огради од надлежноста овде.
Од кабинетот на градоначалникот пак со став дека овие проблеми кои се наталожени во град Штип треба да се решаваат во соработка со повеќе институции. Реакција треба и од општината и од претпријатието и од полицијата.
„Очигледно е дека во Општина Штип во изминатиот период имало голем број наталожени проблеми и овие проблеми потребно е да почнат да се решаваат. Заради тоа утврдивме дека е потребна една мултисекторска соработка, односно не само општината туку и јавното претпријатие како и МВР заеднички да ги решат токму овие проблеми за кои реагираат и возачите и пешаците“ – вели Шорова.
На прашањето дали конкретно ќе се реагира за решавање на овој проблем, Шорова истакна дека со заедничка соработка меѓу веќе споменатите одговорни институции ќе се настапи на терен и проблемот ќе биде минато. Таа додаде дека на сличен начин ќе се реагира и во решавање на слични вакви пробеми заостанати во Општина Штип.
Лаура Стојанова М-Нет