Ковачевски со одговор на барањето од „Гласен текстилец“, вели – тој е на страната на вработените

По реакцијата и барањето од „Гласен текстилец“, коментар имаше и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Сепак, конкретен одговор и иницијатива за соработка немаше. Единствено, потсети дека покачувањето на минималната плата од 9.000 на 15.000 денари го направила Влада на СДСМ и додаде дека решение ќе се најде, бидејќи тој е на страната на вработените.

„Јас во моето експозе при изборот на новата Влада кажав дека една од заложбите ќе биде зголемување на минималната плата. Веќе се одржаа два состанока на економско социјалниот дијалог во кој учествуваат покрај претставници на синдикатите и претставници на Министертсвото за финансии и Вице премерот за координација на економските прашања и на други институции и советниците на премиерот кои се економски експерти. За денес имаме закажано и седница на Економскиот совет која јас ќе ја водам и седница на Економско социјалниот совет на која исто јас лично ќе присуствувам. Се надевам дека заедно со синдикатите ќе најдеме решение кое ќе биде на задоволство на вработените, бидејќи јас во неколку наврати имам кажано дека јас сум на страната на вработените“ – кажа Ковачевски.

Во однос на сумата за која се разговара, Ковачевски на новинарско прашање рече дека не соопштува бројки кои не се базираат на анализи и не се договорени на Економско – социјалниот совет. Негов личен став е дека платите треба да растат, но преку дијалог и усовршување на работните процеси.

Според Ковачевски, поголемо вложување ќе имаат и вработените, но и менаџерите на компаниите, чија способност треба да воведе нови методи на работа. Ковачевски се надева на решение на денешниот Економско-социјален совет и седницата на Економскиот совет на Владата.

Ребека Спасова М-Нет