
Штипјани се уште со вода за пиење се снабдуваат од бунарите. Од институтот за јавно здравје Штип нема резултати од испитувањата на квалитетот на вода, па затоа истите ќе се прават во институтот во Белград, соопшти градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
„Водата за пиење од ХС Злетовица веќе неколку месеци не се користи во Општина Штип, затоа што немаме резултати од испитувањето од страна на институтот за јавно здравје. Со директорот на институтот за јавно здравје одлучивме испитувањето да го направиме во институтот во Белград, затоа што добивме информации дека пролонгирањето на добивањето на информации е од техничка природа, односно еден од апаратите кој треба да се користат при испитувањето не е во функција. Од таа причина одлучивме да испратиме примероци од водата за пиење во институтот во Белград. Се надевам дека за неколку денови ќе добиеме повратна информација.“изјави Иван Јорданов, градоначалник на Општина Штип
Доколку резултатите од Белград покажат дека водата е лабароториски и радиоактивно исправна, истата ќе биде дистрибуирана до домаќинствата. Со ова во иднина би се намалила потрошувачката на електрична енергија, но не и цената на водата.
„Со оглед на тоа што од 1-ви Јануари, јавното претпријатие ќе излезе на слободниот пазар и ќе има неколкукратно покачување на цената на електричната енергија, не верувам дека ќе има драстично намалување на трошоците за елекрична енергија. Со оглед на тоа што ќе имаме три – четири пати повисока електрична енергија од први Јануари и да се намали ставката за електрична енергија по основ на исклучување на пумпите од бунарскиот систем, со самото тоа што ќе имаме зголемена цена на електричната енергија не верувам дека ќе се намалат трошоците. Цената на електричната енергија, како што се најавите на слободниот пазар е неколку пати повисока, така да уште не сме направиле првични анализи колку би бил нашиот реален трошок со новата цена.“додаде Јорданов.
Општина Штип е една од петте општини кои треба да добива вода од хидро системот Злетовица. Пробиштип и Свети Николе веќе ја користат оваа вода, Штип, Карбинци и Лозово чекаат за да бидат приклучени. Директорот на претпријатие во последната средба истакна дека колку повеќе потрошувачи на вода има ќе паѓа и цената на водата од година во година.
Лаура Стојанова МНет