
Вчера во Струга тимот на Трим Лум ја победи екипата на Ренова со резултат 1:0, и овој исход со огромна радост го прими фудбалскиот погон на штипска Брегалница. Се комплетираше есенската табела на чија патека прва истрча екипата на Шкупи, втор е тимот на Академија Пандев, трета е Шкендија а изненадувачки за многумина е високото 4 место на Брегалница. Штипскиот прволигаш предводен од Марјан Секуловски се судруваше со најразлични проблеми поради болест или повреда на клучни играчи, но правилниот избор на играчки кадар храбро се втурно во прволигашкиот бој и заслужено ќе презими на 4 место на табелата. Спортската редакција на Мнет ТВ беше поканета и присуствуваше на заедничкиот завршен есенски коктел на кој беа присутни сите оние кои допринесоа кон успешно трасираниот прволигашки пат. Шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски е задоволен од постигнатото во есенскиот дел, нагласи дека играчите ќе одат на заслужен одмор а првата прозивка за пролетниот дел ја закажа за 3 јануари 2022 година во 12.00 часот на градскиот стадион во Штип. Извршниот директор на Брегалница Емил Тодев не информираше за текот на активностите во подготвителниот период. Фудбалската експедиција на Брегалница на 16 јануари ќе замине на подготовки во Анталија, Турција, а во договор со тоа кои екипи ќе бидат таму присутни ќе се одиграат 4-5 контролни натпревари. Брегалница во Штип ќе се врати на 31 јануари а според зборовите на Емил Тодев, Брегалница спогодбено и мирно се раздели со Андреј Кудијан и Муарем Муарем, додека пак Марио Наумовски со цел стекнување на искуство и поголема минутажа ќе биде отстапен на друг клуб. Пролетниот дел ќе започне нa 13 февруари 2022 г. кога на „градски“во Штип ќе се сретнат Брегалница и Ренова.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk