
Нефункционалните јавни тоалети во Кочани и по промената на Власта останува еден од погорчливите проблеми за граѓаните. И покрај тоа што локација за јавен тоалет има на неколку места сепак истите се затворени и не функционираат. Причините се бараат како кај несовесното однесување на граѓаните така и кај надлежните. Новиот градоначалник на Општина Кочани, Љупчо Папазов за М-Нет телевизија кажа дека со проблемот е запознаен, односно според него во Кочани речиси и да нема јавен тоалет. Меѓутоа, не истакна конкретно како ќе се реши овој проблем, освен дека ќе се направат напори истиот да се надмине.
„Да не кажам ама во Кочани скоро и да не постојат јавни тоалети. Едниот е ќошот на Домот на културата во делот на градскиот парк, другиот е во трговскиот центар кој е исто така во една лоша состојба. Како директор на КЈП „Водовод“ во соработка со службите, со поранешниот градоначалник, правевме сериозни напори во делот на одржувањето на тие Јавни тоалети и сметам дека овде најмногу ќе ни помогнат граѓаните со своето одговорно однесување. Тоалетот во трговскиот центар беше предмет на вандалски уништувања, предмет на кражба на мерните уреди, на инсталацијата која беше инсталирана таму“ – кажа Папазов.
Според Папапзов граѓаните на Кочани по совесно се однесуваат кон тоалетите во градскиот пазар, но од причина што тие повеќе се и употребуваат.
„Сакам да го споменам јавниот тоалет во градскиот пазар, тој е по функционален, повеќе го користат и повеќе се внимава таму, а делот кај покриениот пазар, таму имаше реконструкција, но повторно е човечкиот и субјективниот фактор во прашање, ќе направиме максимални напори да ги ставиме во функција“ – додаде Папазов.
Општина Кочани не е единствената општина во Истокот во која јавните тоалети не функционираат. Без јавен тоалет е и Штип, со најава дека се работи на пуштање на истите во употреба.
Лаура Стојанова М-Нет