
Шест нови приеми и четири испишани пациенти се забележани во денешната ковид статистика. Во текот на вчерашниот ден починал еден пациент. Вкупниот број на хоспитализирани е помал од вчера, забележани се вкупно 51 хоспитализиран пациент и двајца дошле во дневната болница на амбулантски преглед. Од нив, 47 се на Инфективното одделение, кое по градежните активности е ставено во функција. Останатите четворица се на Кожното одделение. Направени се и вкупно 58 амбулантски прегледи, а од хоспитализираните 39 се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка. Вакцинирани се четири лица. Слободни се вкупно 19 места ковид – позитивни кои би имале потреба од болничко лекување, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Бројот на хоспитализирани е намален и во кочанската болница, вкупно хоспитализирани се 16 пациенти. Истовремено, денешната статистика покажува и поголем број на испишани пациенти, отколку на новопримени. Испишани се петмина пациенти, а новопримени тројца и нема починати лица. Од хоспитализираните, тројца се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка. Вакцинирани се шест лица. На Интерното одделение, кое работи како ковид – оддел слободни се 11 кревети, информираат од болницата.
Согласно последната дневна статистика на Министерството за здравство, пак, на територија на цела држава регистрирани се 417 нови ковид – случаи, што се 14% од направените тестирања. Од источниот регион, градови со најмногу нови случаи се Штип и Кочани, но овој пат бројот е под 20, односно 17 во Штип и 13 во Кочани. Во останатите градови од истокот бројот е под десет.
Од регистрираните 329 оздравени пациенти, бројот е трицифрен само во Скопје, а од источниот регион, најмногу се од Штип – 15 и најмалку од Пехчево – двајца.
Во изминатите 24 часа има девет смртни случаи.
Досега во земјата се направени вкупно 1.378.530 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 201.708, бројот на оздравени пациенти е 188.024, на починати е 7.108, а бројот на активни случаи изнесува 6.576.
Ребека Спасова МНет