
Со положување свежо цвеќе пред споменикот на тврдината Исар одбележан 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ. Востанието е главен пресврт во борбата за самобитност и самостојност. Вака зборуваше Петар Мицевски, Претседател на Сојузот на борци. Поезија со патриотски мотив прочита Цвета Спасикова, по што пред меморијалниот споменик цвеќе положија повеќе делегации.
„11 Октомври е ден од македонската историја кој не само што е симбол за македонската борба за слобода, туку и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дале целиот свој живот. Тешка беше народноослободителната војна. Сите коишто загинаа за време на Втората светска војна никогаш нема да бидат заборавени од самите борци, граѓаните продолжувачи на македонската традиција и од македонскиот народ. Но никогаш нема да бидат заборавени и оние коишто ја преживеаја војната, а починаа подоцна, затоа што тие ја создадоа државата Република Македонија“, истакна Мицевски.
Честитка по повод денешниот државен празник упати и Градоначалникот на о. Штип, д-р Сашко Николов.
„Денеска живееме во слободна, демократска земја и сите заедно како функционери и како граѓани имаме обврска да го чуваме мирот, да ја негуваме слободата и да работиме за напредок на нашата држава. Нашата борба како генерација е да креираме можности еднакви за сите граѓани, социјална правда и да создаваме услови за напредок и просперитет. Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание и нека суштината на овој празник живее во нас. Да живееме во слободна, демократска, самостојна држава во којашто ќе се почитуваат правата на сите наши граѓани заедно“, порача Николов.
Денес се одбележаа јубилејните 80 години од востанието, а свечени манифестации имаше и во други градови од државата.
Ребека Спасова МНет