Институциите сметаат дека во изминатиов период работеле во интерес на работниците и нивните права

На денешната дебата „Институциите во интерес на работниците“ во склоп на петтата текстилијада присуствуваа министри и директори на државни институции. Тие, како што напоменаа и во своите излагања, сметаат дека нивниот надлежен сектор е во постојан развој, а мерките и принципите за кои одлучуваат се во интерес на работниците.

Маричиќ дополни дека законската рамка во голема мера е направена, меѓутоа прашањето е како истата да се воведе во пракса. Во однос на ова, директорката Лукаревска, пак, посочи дека функционираат добро како институции, но можат уште подобро, притоа воведувајќи и одредени измени во законите.

Во однос на законските измени, пак, министерката Шахпаска напомена дека Законот за работни односи е содржајното системско решение за кое ќе се вршат експертски дебати по изборите.

Министерката посочи и на други преземени мерки, едната за годините на пензионирањето, другата во однос на недела како неработен ден. Законот останал на второ читање во Собранието, но таа потенцираше дека се очекува да биде донесен по изборите.

За спроведувањето во пракса, пак, зборуваше директорката на Инспекторатот за труд, Јована Тренчевска, која напомена дека во голема мера се справуваат со прекршоците, а имаат и нови вработувања на инспектори со што се покрива целата територија на државата.

Дебатата е дел од програмата за третиот ден на „Текстилијада(та)“, а е меѓу завршните активности од истата.

Ребека Спасова МНет