
За нова иднина и промени во населбата Железничка се заложија кандидатите за градоначалник и советници на Штип од ВМРО – ДПМНЕ. На вечерашната средба Јорданов и кандидатот за советник, Атанас Крстовски, порачаа дека четиригодишното неработење ќе биде надоместено, а работата – продолжена од онаму каде што застанале.
„Вечерва сме во населбата Железничка. Дождот е берикетен, затоа што е предвесник на промените коишто ќе се случат. Овде промените ќе бидат најсилни, затоа што четири години жителите од оваа населба се излажани. Нема ниту канализација, нема ниту асфалтирање на улици, нема ниту одржување на спортските игралишта, на детските игралишта, ниту сето она коешто беше ветено во изминатите четири години. Затоа промените ќе се случат, а после 17 октомври заеднички ќе се зафатиме да направиме нешто добро со коешто заеднички ќе се гордееме“, истакна Јорданов.
„Почитувани мои сограѓани, дојдовме вечерва да ви кажеме дека времето кое застана во 2017 тука, ќе продолжи. Ќе ги продолжиме делата кои ги започна и ги направи поранешниот градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи оваа власт нѐ стави во секаква изолација и немавме никакви придобивки од неа. Ќе им порачаме ним дека ние иако остаревме четири години, сепак ќе го надокнадиме тоа“, додаде Крстовски.
Караванот на ВМРО – ДПМНЕ во изминативе две недели помина во повеќе населби од Штип, а средбите со граѓаните продолжуваат и во наредните денови.
Ребека Спасова МНет