Прв и изгор скап пазар за месец октомври во Штип

Штипјани месец октомври го започнаа со пазарен ден. Времето добро, температурите посвежи, раздвиженост имаше, зеленчук и овошје по тезгите и најважно цените изгор скапи. Граѓаните велат прозиводите се толку скапи што едвај си ги набавуваат основните продукти за живот, а сезона на зимници е, но високите цени проблем за купувачите.

„Прилично е скапо, во однос на претходната година ова време е 70% поскапо. Јас сум пензионер со минимална пензија, така што еднаш јадеш, еднаш не. Некако го минуваме месецот.“
„Туршија нешто ставивме, зимница нешто направивме, ама сакаме уште нешто да докупиме.“
„Нема ништо, скапо е. Право да ти кажам, многу е скап. Каде го има тоа, 100 ден. патлиџани.“

И продавачите на градскиот пазар во Штип согласни дека има покачување на цената на производите, но тоа заради фактот дека сушата го намалила родот. Дел од нив велат цените и дополнително ќе растат, на пример карфиолот кој денеска и не можеше да се види по тезгите бил 250 денари, а до петок неговата цена ќе скокне на 300 денари.

„Па има доста побарувачка и не е многу скапо. Карфиолот е 250 денари за кило, повеќето веќе и го продадов. Ама нема доволно роба, не можеш да набавиш, а цената и, веројатно, ќе се покачи, мислам дека ќе дојде до 300 денари.“
„Сезоната е за руска салата, а цената е супер за годината.“
„Очекуваме да биде добро денеска, времето е пријатно. Цените се малку покачени оти е сушна годината, нема производство.“

Освен корнишоните и зелката кои се нудеа и купува најмногу на овој скап пазар, се уште се бараше и ајварскиот пипер. И тој држи цена односно се продаваше по 35 – 40 денари за килограм.

Лаура Стојанова М-Нет