„Пејпер мил“ во Кочани повторно чади и го загадува воздухот

„Пејпер мил“ повторно го загадува воздухот во Кочани. Вакви објави се шират деновиве на социјалните мрежи. Во фабриката претходно беа ставени специјални филтри, кои требаше да го намалат загадувањето, но од Невладината „Одбор за подобар живот“ велат дека жителите на Кочани не престанале да го чувствуваат чадот.

„Можам да кажам дека фабриката не ни претстанала да чади, кога повеќе, кога помалку. Помалку е и се сопира кога доаѓаат инспектори за да направат контрола. Инаку, поекстремно се случува откако ја сменија директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петревска. После извесно време од тој момент, ми се чини дека повеќе си даваат за слобода и фабриката чади повеќе. Луѓето коишто живеат во непосредна близина таму најавуваат дека мириса и пече на очи“, вели Орце Николов од НВО „Одбор за подобар живот“.

Чадот се интензивира во вечерните часови, како и за време на викендите, а се проширува во зависност од правецот на ветрот. На упатената реакција, од менаџментот на „Пејпер мил“ посочиле дека загадувањето е во мали количини, а во врска со филтрите, потребно било да се набават нови делови кои ги очекувале да пристигнат. Простор за поинтензивна реакција нема, велат од организацијата,  поради изборите.

„Малку претпазливо одиме со тоа, бидејќи секогаш кога имаше некој протест бевме политички декларирани. Од едната политичка партија нè декларираат како заштитници на другата, од другата, пак, нè третираат како од претходната, па во овој изборен период сигурно ништо нема да има. Меѓутоа, после тоа мора да интензивираме, бидејќи доаѓа зимата, температурите на воздухот паѓаат и таа чад сè повеќе ќе се таложи и сè повеќе ќе ја чувствуваме во тој период“, додава Николов.

По изборите се планирани масовни протести, кои и претходно се одржуваа, а решението кое беше пронајдено, сега, очигледно, не функционира.

Ребека Спасова МНет