Тридневна ликовна колонија одржана во штипскиот Дом на млади со цртежи од деца со посебни потреби. Проектов е со цел подигнување на јавната свест за поголема социјална вклученост на децата. Истовремено, цртањето е и од големо значење за развојот, зашто, како што вели и дефектологот, Борче Петровски, е метод при кој со помош на слика се искажува емоционалната состојба.
„Со цртањето децата ги искажуваат своите емоции и чувства во форма на цртеж, слика. Со помош на цртањето се придонесува за позитивен развој, за емоционалниот и когнитивен развој и придонесува за позитивни промени во однесувањето и вниманието кај дечињата. Исто така, цртањето претставува и една форма на психотерапија, којашто има за цел да ги разбуди сите емоции и чувства кај децата, па со тоа тие своите чувства да ги пренесат преку творење, креирање на дело. Со помош на цртањето можат да се надминат одредени стравови, комплекси и да се зголеми самодовербата кај децата“, вели Петровски.
Според уметникот Ристе Мицевски, креативниот потенцијал е огромен кај секој човек, но потребно е истиот да се пронајде и надоградува. Цртањето е пред сè активност привлечна за децата, зашто ја вклучува имагинацијата и користи бои.
„Баш кај овие дечиња се гледа онаа вистинска, искрена емоција. Исто така, позитивен стимул беше и групната работа, па немаше простор за стигматизација и можеше уште повеќе да дојде до израз онаа вистинска креативност“, истакна Мицевски.
Дефектологот Петровски додаде дека при ваква активност важно е заеднички да се вклучат децата со типичен и атипичен развој, со што би покажале заемна солидарност. Дополнително, се планираат уште многу вакви или слични настани за надминување на сите бариери и предрасуди, како и прифаќање на различностите. Задоволството од истите не ги криеја ниту родителите, ниту децата.
Ребека Спасова МНет
