Започнува кампањата за подигање свесност и поддршка во борбата против корупција под слоганот „Сега сè е јавно, корупцијата не се испати!“. Претседателот на Владата, Зоран Заев, и Заменик претседателот на Владата, Љупчо Николовски, истата ја промовираа на денешната прес-конференција.
„Станува збор за интегрирана кампања која ќе информира за заштитните механизми преку видео и аудио продукција, различни ПР активности, а како канали за комуникација со нејзините пораки земени се дигиталните платформи на социјалните медиуми, домашните веб – портали, билбордите, а ќе биде креирана и посебна интерактивна веб – страница. При креирањето на кампањата за имплементирање и укажување на сите извештаи за перцепцијата за корупција и врз основа на тие укажувања се земени сите елементи за креирање на главните пораки и за идентификување на целните групи. Оваа кампања има за цел да покаже и дека Владата и граѓаните се на истата страна во борбата против корупцијата“, истакна Заев.
Како што додаде тој, веќе се во тек или се спроведени одредени активности предвидени со стратегијата. Меѓу кои се дигитализација, механизми за проверка на имот и капитал, конфискација на нелегално стекнат имот, транспарентност како и подигање на свеста на граѓаните за пријавување корупција.
Заменик претседателот Николовски, пак, додаде дека кампањата е на високо ниво со цел јавноста да се информира за штетноста на корупцијата во функционирањето на едно општество.
„Редно време е преку една ваква едукативна, интегрирана кампања да се подигне свеста дека, навистина, сега сè е јавно и секој може со само неколку клика на мобилниот телефон или од компјутер да ги види сите јавни набавки, сите трошења на денешните институции, сите добавувачи и учесници на тендери, потпишани суми на договори, анекси и други информации“, истакна Николовски.
Во склоп на кампањата наскоро ќе биде објавен систем за пријавување на корупција и следење на сите предмети поврзани со ова кривично дело.
Ребека Спасова МНет
