
Новите донесени мерки во државата за заштита од ковид 19 придонесоа за дополнително зголемување на бројот на граѓани кои сакаат да примаат прва доза вакцина. За разлика од вчера во текот на денешниот ден во вакциналниот пункт во Штип имаше граѓани кои чекаат за вакцинација, но и доволно простор и медицински кадар за да им се излезе во пресрет на барњата на граѓаните. Надлежните медицински лица велат мерките се „виновници“ за се поголемиот број заинтересирани граѓани.
„Од моментот на донесување на мерките од страна на Владата за задолжително прикажување на документ за вакцинација во затворени објекти, заинтересираноста е доста повисока. Ние дневно имаме околу 300 кои се јавуваат да примаат прва доза и исто толку за примање ревакцина“ – истакна Дијана Коцева Миланова.
И граѓаните кои утринава беа во вакциналниот пункт во Штип велат дека се одлучиле за вакцинација заради новите ковид мерки, но и дека треба да си го заштита здравјето. Тие согласни дека во секој случај вакцина треба да се прима.
Инаку во меѓувреме и децата од 12 до 17 години може да се вакцинираат без притоа да имаат закажано термин на вакцинација.мк односно влезот е слободен.
Достапни вакцини во Здравствениот дом Панче Караѓозов во Штип се фајзер, синовак и Астра зенека.
Од Министерството за здравство истакнаа дека заинтересираноста за вакцинација е зголемена. Досега вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.
Според последните информации 68% од населението над 70 години, 66% од населението над 65 години, 62% од населението над 60 години и 53% од населението над 50 години имаат примено барем една доза вакцина.
Лаура Стојанова М-Нет