Зголемена потреба од крводарување во летниот период, може да даруваат крв и вакцинираните пациенти против Ковид 19

Крводарувањето особено доброволните крводарители се единствен извор за крв на оние на кои што им е навистина потребно. Летниот период се намалува бројот на крводарители, бидејќи поголем број од граѓаните се подготвуваат за одмор од една страна, но од друга страна медицински интервенции се прават и во лето, па потребата од крв не е намалена.

„Потребите за крв се постојани особено летните периоди имаме недостаток на крв поради тоа што луѓето мислат повеќе на годишни одмори, мислат на патувања, а бројот на хируршки операции, интервенции и процедури е зголемен пред се заради тоа што беа одложени планираните интервенции заради ковид кризата„ – истакна Мери Шорова, трансфузиолог.

Сега во време на пандемија и заштита од невидливиот непријател крводарителите се ограничени делумно во желбата да даруваат крв. Имено секое вакцинирано лице против ковид 19 кое сака да дарува крв, во зависност од типот на примана вакцина треба да почека одреден временски период да помине пред да дарува крв.

„Доколку дарителите се вакцинирани со вакцини кои се базираат на RNA технологија тоа е Фајзер и Модерна тогаш се одложува дарувањето за седум дена и тоа одложување е само заради појава на некои локални реакции на местото на примената вакцина. Доколку е вакциниран со вакцини од типот на Астра зенека, Спутник, Синофарм кои се на база на инактивиран вирус крводарувањето се одложува за четири недели“ – додаде Шорова.

Доктор Шорова истакна дека моментално нема потреба од дарување на конвалесцентна плаза, бидејќи во модулараната ковид болница нема пациенти на кои им е потреба истата.

Лаура Стојанова М-Нет