Без учители и литература пред 25 години Слободан го учи копаничарството, денеска изработува иконостаси

Самостојно,  без учители и доволно литература, без помош од интернет, но со голема желба инспирација од едно копаничарско дело, Слободан Димитровски од Пробиштип започнува да изработува копаничарски дела. Пред 25 години за прв пат влегол во овие води, сакајки да проба и да се прилагоди на овој занает, за денеска тој да изработува иконостаси и прекрасни копаничарски дела. Голема заслуга за неговиот занает има Здружението на копаничари на Македонија, бидејќи Димитровски следел нивни изложби и така станал успешен.

„За овие 25 години имам направено многу работи, почетните работи беа така поситни, како почнав да созревам во занаетот почнав да работам за црквата, изработка на иконостаси, на придружни делови и слично„ – кажа Слободан.

Изработката на копаничарски дела е сложена, особено кога се работи за изработка на иконостаси. Во зависност од елементите може да се користи плитка резба, длабока резба или пробивана резба. Кај иконостасите најчесто се работи длабока резба.

Првиот иконостас кој го работил Димитровски е во 2001 година во село Чешиново, а негово дело се и иконостасите на црквата св. Климент на Пониква, иконостасите во црквата во село Пантелеј, во црквата во населба Сењак во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет